„Имавме комбинирани подготовки во Дојран, каде што имавме услови за работа. Подготовките ги продолживме во Скопје каде ја подготвувавме тактиката, ги гледавме последните натпревари на Шпанија и направивме целосна анализа на играта на противникот. Шпанките очекуваат дека во сабота ќе им биде лесно, но јас ветувам дека не само што девојките ќе го остават срцето на терен туку и дека избориме позитивен резултат. Никој па ни јас не може да вети каков ќе биде вкупниот резултат, но ние сме свесни кои ни се противничките. Ние нема да излеземе со бело знаме, девојките се исклучително мотивирани, имаат желба за докажување, иако како што знаете дека во голема мерка ја подмладивме репрезентацијата“, рече на прес конференцијата селекторот Гино Стрезовски, кој информира дека здравствениот билтен во репрезентацијата е поволен.
Според него Шпанија е сериозна репрезентација, најсилното оружје на Шпанките е брзата трансформација од одбрана во напад, но неговите избранички нема да се исплашат од името на противничките.
„ Јас верувам во овие девојки. Ако сме можеле да ја победиме една Франција, па и оваа иста Шпанија последниот пат ја победивме во Скопје, зошто да не го повториме тоа“, рече македонскиот селектор.
Стрезовски, кој по последното Европско првенство пристапи кон подмладување на репрезентацијата истакна дека младите ракометарки одлично се вклопиле во тимот и верува дека тоа ќе го покажат и на теренот против Шпанија.
Мислењето на селекторот дека Шпанија е фаворит но дека не е селекција која не може да се победи го дели и новиот капитен на репрезентацијата Билјана Црвенковска.
„Нема да се предадеме, Шпанија е фаворит, меѓутоа тие не се непобедливи. Ние на домашен терен знаеме да одиграме добро. Мислам дека и на утрешниот натпревар ќе одиграме концентрирано и мотивирано, поради тоа што атмосферата е одлична“, рече таа.
Натпреварот помеѓу Македонија и Шпанија, во сабота, ќе се одигра во СРЦ Кале со почеток во 20:15 часот, влезот е слободен.
Возвратниот меч по кој ќе биде познат патникот на светското првенство ќе се одигра на 7.јуни во Шпанија.