Охридските ракометари успешно со три победи во исто толку натпревари на домашен терен ја завршија мини мисијата во Супер лигата.


Последен и најлесен ривал за „гладијаторите“ беше екипата на Металург 2 која беше лесен плен за „сино белите“ во „Билјанини Извори“. Претходно, скалпот охриѓани им го зедоа на Вардар Јуниор и Работнички кои се директни конкуренти за пласман во плејофот.

– Нашата цел пред трите мечеви ја исполнивме и сега продолжуваме понатаму. Подготовките во ЕХФ неделата ги одработивме добро што беше очигледно на теренот во најпотребните моменти. – рече охридскиот стратег Горан Андоновски.


Тој на дуелот со Металург 2 шанса им даде на сите ракометари, а официјално деби во охридскиот состав имаа младите Димески и Најдески со по еден погодок.

– Коректно и мотивирано си ја извршија работата на теренот. И во иднина ќе им давам прилика на младите ракометари во кои гледаме добра иднина. – додаде Андоновски.


Црна дамка во триумфот над втората екипа на Металург остави празната трибина каде се наоѓаат „Рибарите“.

– За доброто на ракометот и спортот воопшто треба да се надминат сите проблеми и пак навивачите да се вратат на трибините. Нашите победи без нив на трибините не се слатки, затоа очекувам веќе на следниот натпревар со Радовиш кој е последен за 2015 година на домашен терен да се вратат онаму каде што им е местото. – заврши стратегот на охриѓани.

Со девет победи во 11-ет натпревари „гладијаторите“ се наоѓаа на втората позиција зад лидерот Металург.

Мх.П.