Ракометарите на ГРК Охрид викендов во рамки на десеттото коло на Супер лигата го пречекуваат тимот на Алкалоид. Во претсрет на дуелот со четата на Кире Лазаров, од клубот очекуваат машка борба, но и три бода на домашен терен.

Очекуваме дека ќе има јак и машки натпревар, како што беше и кај нив, не се предававме но изгубиме со два разлика. Не бевме во комплетен состав, без Ончев и Шешиќ, не не надиграа нешто многу. Тие како екипа подолго се заедно, но и ние веќе се запознавме од коло во коло сме се подобри, воиграни сме и растеме како екипа, вели пикерот Владимир Бојаниќ на денешната прес конференција.

Во однос на тоа на што може да пресуди да ја добијат екипата на Алкалоид, вели и на добра одбрана и на добар напад.

Екипата на Алкалоид е екипа која многу добро трча, има добра транзиција, сите се млади, спремни, имаат две постави каде не се прави разлика ако се смени некој. Битна е и одбраната и нападот, додава Бојаниќ.

Леворакиот бек Дејан Шешиќ потенцира дека тренирале, правеле и видео анализа.

Сепак сме на домашен терен и очекуваме дека три бода ќе останат кај нас. Сигурно дека ќе ги намалиме техничките грешки, бидејќи веќе сме подолго време заедно и сме веќе воиграни, додаде Шешиќ.

Натпреварот се игра во недела од 16 часот во салата „Билјанини Извори“. На табелата Охрид е третопласиран со 18 бодови, додека Алкалоид е втор со 24 бодови.

Н.С.Ј.