Бекот Бранислав Ангеловски нема да биде со нашата сениорска репрезентација на првите два ракометни квалификациски меча против Бугарија, во Варна и во Скопје. Тој го известил в.д. селекторот Илија Темелковски дека поради семејни проблеми нема да може да дојде на подготовките што треба да почнат в среда во Скопје.
– Неговиот син ја скршил ногата, па сега мора да остане на дополнително лекување. Ако се појави можност, би се приклучил евентуално за дуелот со Португалија, но и тоа е неизвесно. Нема дополнително да повикувам играчи зашто сметам дека имаме доволно – вели Темелковски.
Од четворицата интернационалци, другите би требало в среда да се појават во Скопје. Наумче Мојсовски од Шпанија, Кирил Лазаров од Хрватска и Владимир Темелков од Германија.
Повторно најголемиот проблем за Темелковски ќе биде неможноста овој состав да одигра некоја контролна средба. Постои шанса за неколку пријателски средби, со Србија, Романија или Црна Гора, но се’ виси во воздух.
Нема ништо конкретно, а времето минува, но Темелковски верува дека нема да биде како и лани, кога без контролен меч тргнаа во квалификациите.
Во изминатите две квалификациски рунди за СП 2006 и ЕП 2008 Охрид и салата “ Билјанини Извори“ беа едни од домаќините на еден квалфикациски натпревар. Пред две години ги удостоивме Естноците, додека мината година пред 4000 гледачи се одигра натрпеварот против Србија.
За жал во овие квалификации охриѓани нема да можат во живо да ја гледаат репрезентацијата, бидејки и двата натпревари против Бугарија на 12 и Португалија на 17 Јануари како домаќин Македонија ќе ги игра во Скопје.