Филм заснован на животот на славниот американски астронаут Нил Армстронг „орбитира“ околу Холивуд од 2003 година кога како можен режисер се споменуваше Клинт Иствуд. Проектот неодамна е повторно актуелизиран, со предлог улогата на првиот човек кој стапна на Месечината да му се довери на Рајан Гослинг, а режијата на Демиен Шазел. Филмот, кој ќе биде заснован врз книгата на Џејмс Хенсен “Првиот човек: Животот на Нил Армстронг“, би требало да се поклопи со 50-годишнината од спуштањето на Месечината.

 

Остварувањето доаѓа во време кога вселенската тематика бележи голема популарност во светот со филмовите како што се „Марсовец“, “Гравитација“ и „Интерстелар“. Холивуд има план да сними нова низа остварувања со вселенски теми, меѓу кои се „Патници“ во кој Џенифер Лоренс и Крис Прат ќе се разбудат 100 години пред времето од криогенски сон, потоа “High Life” со Роберт Патисон за криминалци кои прифаќаат да бидат заморчиња на меѓуѕвезден експеримент и “Луна Парк“ со Том Круз за група побегнати научници кои се обидуваат да направат база на Месечината.