Неколку експлозии одекнаа вчера во нуклеарните централи во Фукушима. Јапонската агенција за атомска енергија објави дека една екплозија имало на вториот реактор, а подоцна беше објавенo дека проблеми има и со четвртиот реактор, кој не може да се излади. Специјалните тимови се потешко се справуваат со нуклеарната криза, а радијацијата се шири низ земјата. Зголемено ниво на радијација забележано е и во Русија, а се стравува дека ветрот може да ја однесе и подалеку.

Министерството за надворешни работи ги предупреди македонските државјани да ја напуштат Јапонија и да се вратат дома, бидејќи опасноста да бидат изложени на радијација е голема.

Бројот на жртвите од силниот земјотрес проследен со разорно цунами што на 11-ти март ја зафати Јапонија, надмина 10.000. Во тек е акција за спасување на преживеаните, но и натаму голем број лица се водат за исчезнати и нема никакви информации за нив.

Во Токио се наоѓа охриѓанецот Адријан Битрак, инаку соработник на OhridNews, кој ја преживеа големата катастрофа. Тој се уште се наоѓа во јапонската престолнина, но будно ја следи состојбата околу нуклеарните централи. Засега ситуацијата е нормална, луѓето во Токио одат на работа, но внимателно ја следам ситуацијата, вели нашиот охриѓанецот Битрак.

OhridNews