Кандидатот на Бугарската социјалистичка партија (БСП), генералот Румен Радев, е победник на претседателските избори во Бугарија, покажуваат првичните резултати од изборите, победувајќи го противкандидатот од владејачката Граѓани за европска Бугарија (ГЕРБ), Цецка Цачева со околу 22 проценти разлика, односно 58 наспроти 35 отсто.

Премиерот и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, веднаш најави дека ќе поднесе оставка, со што земјата сега повторно влегува во политичка криза, но како што вели тој, по овие избори неговата партија веќе нема мнозинство, така што сега ќе ѝ дозволи на досегашната опозициска БСП да формира влада. „Победата на Радев и БСП е категорична и јасна, ние ќе им дозволиме заедно со ДПС (Партијата на Турците) и со патриотите на (Красимир) Каракачанов да формираат формираат влада без избори. Ние сме партија што учи на своите грешки и ќе им дадеме шанса да формираат влада. Повторно сакам да кажам дека го поздравувам победниците на овие избори и им честитам“, изјави Борисов.

Цачева им се заблагодари на сите кои дале поддршка. „Јас сум човек кој сноси одговорност, по анализата во партијата јас сум подготвена да поднесам оставка од сите свои функции. Дел од вината е секако моја, важно е сега да се направи она што е добро за нашите граѓани“, изјави кандидатот на ГЕРБ, Цецка Цачева.

Борисов пред одржувањето на првиот круг од изборите минатиот месец најави дека доколку кандидатот на неговата партијата, Цецка Цачева, досегашен претседател на бугарскиот Парламент, не победи во првиот круг, тој и неговата влада ќе поднесат оставка. Цачева во првиот круг освои нешто повеќе од 21 процент, три помалку од нејзиниот противкандидат Радев. ГЕРБ на Борисов сега е во втората година од својот мандат, откако претходно на чело беше техничката влада на Пл Пламен Орешарски, период во кој низ земјата постојано имаше протести.

OhridNews
извор Макфакс