Во Основниот суд во Охрид денеска започна судењето на Лазе Радески, обвинет за убиство на тројца продавачи на девизи од Охрид. Обвинетиот  во исказот пред судот го призна убиството над Трајче Цоцески, извршено на 20 април оваа година, но негираше дека ги убил Раим Ракип исто така уличен продавач на девизи кој исчезна во 2006 година и Спиро Ставрески кој беше убиен на 8 февруари минатата година. Радески во исказот пред судот рече дека нив ги познавал само од видување и дека од нив немал земено на заем никакви девизи, освен 3000 денари од покојниот Спиро Ставрески кои ги вратил на неговата сопруга.


Обвинетиот Радески на судот му се пожали дека исказите пред истражниот судија ги дал под присила од полицијата,која како што рече, за време на распитот го малтретирала и тепала и не му овозможила присуство на адвокат. Тој рече дека за  увидот на местата за кои постои сомневање дека  биле закопани убиените Ракип и Ставрески бил направен без присуство на судија. Неговиот адвокат, Емил Балабан, рече дека во истражната постапка има повеќе недоследности и побара по изнесување на сите докази да биде извршен дополнителен распит на обвинетиот.

 

Радески тврдеше дека Трајче Цоцески го убил по расправија  во продавницата  „Грини“ на бул. „Туристичка“ во која тој работел. Таму сега покојниот требало да му донесе 1000 долари за кои тој му дал 800 евра. Радески тврди дека наместо да му даде пари, бил нападнат од   Цоцески при што тој бранејќи се му нанел два смтоносни удари со чекан во главата. Неговата изјава се разликува од исказот даден пред истражен судија што беше констатирано од страна на судот. Запрашан зошто не го пријавил случајот во полиција Радески рече бил збунет и исплашен и затоа го завиткал телото во најлон и го ставил во својот автомобил. Телото на покојниот тој го фрлил следниот ден вечерта во близина на авто-кампот АС.


Судскиот процес против  Лазе Радески кој го води судијката Милена Танеска продолжува утре, со распит на блиски роднини на покојните.

Ohridnews