Позитивна серија на охридските ракометари продолжи во Супер лигата. Лек за разиграните „гладијаторите“ не најде ниту екипата на Радовиш која на домашен терен капитулираше претрпувајќи пораз 29-22. Ракометарите на Охрид иако некомплетни одиграа маестрален натпревар и со тимска игра ги надополнија недостатоците.
Излеговме многу посилни од неочекуваните проблеми со кои како екипа се соочивме после натпреварот со Пелистер. Иван Тасески се повреди и отсуствуваше, Денис Тот играше со температура, а Кристијан Анастасовски цела недела тренираше со болки во раката. Одигравме концетрирано и во ниту еден момент не дозволивме да ја загубиме контролата во натпреварот. Одбраната беше на ниво, вистински пофалби заслужува голманскиот пар и нападот кој во текот на сезоната е на посакуваното ниво. – изјави тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.
„Гладијаторите“, во последната рунда од првата етапа во Супер лигата на домашен терен ќе се сретнат со Вардар Јуниор. Охридските ракометари со победа на најдобар можен начин ќе стават точка на првата полусезона и теоретски ќе го обезбедат учеството во плејофот во македонската ракометна елита.
OhridNews