Ракометарите на Охрид победничко сефте во плејофот од Супер лигата направија во Скопје, совладувајќи го составот на Пролет со 28-26, во третата рунда од шампионатот. „Гладијаторите“ речиси во целиот натпревар го контролираа резултатот, но на крајот мораа да одиграат добро да ја зачуваат предноста, за прва победа во плејофот.
Сите честитки и пофалби за првата победа одат на сметка од играчите. Тие ги исполнија сите задачи и цели, затоа триумфот е комплетна нивна заслуга. Задоволен сум од играта и формата која очигледно почна да се крева од дуелот со Вардар. Освоените три бодови ќе ни значат многу, бидејќи допрва претстојат вистинските битки во плејофот. Имаме ден одмор да ги разбистриме главите и целосно да се насочиме кон мечевите од 1/4 финалето во Купот на Македонија и следните мечеви во плејофот, – рече тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.
Хрватскиот интернационалец Денис Тот со 10 голови и Јагош Брауновиќ кој собра двоцифрен број на интервенции беа клучните фигури на Охрид во скопскиот триумф.
Добро е што се екипиравме, ги консолидиравме редовите после двата воведни порази и со големи три бодови се враќаме од Скопје. Од прв до последен дадовме се од себе, одигравме добро во одбрана, што беше клучно за победата, – истакна Тот.
„Гладијаторите“ со триумфот во Скопје најавија дека нема без борба да се предадат во плејофот и дека се уште го немаат кажано последниот збор во разигрувањето.
OhridNews
Мразот во плејофот е скршен, „гладијаторите“ победија во Скопје!