Охридскиот ракометен клуб во добро светло се претстави на турнирот во Струга кој од 12 до 16 август се играше на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“. „Гладијаторите“, финишираа во топ 4 и најавија интересна сезона во Супер лигата.

Ракометарите одиграа супер четири натпревари на турнирот во Струга. Победивме два натпревари, а, во дуелите со Вардар и Металург, кои ги изгубивме бевме егал по едно полувреме. – рече тренерот на Охрид, Стојановиќ.

Тој анализирајќи го мечот со Металург, рече дека Охрид се соочил со пех, поради повредата на Иван Тасески, други ситни повреди кај преостанатите ракометари и малиот фонд на играчи.

Немам што да им замерам на момците бидејќи се бореа. Нашиот мал ростер и големиот на Металург си го направи своето и го реши победникот. Ние со две засилувања во јануари можам да кажам дека ќе бидеме конкуретни и ќе атакуваме на што повисок пласман во македонскиот шампионат. – изјави Стојановиќ.

Подготовките на охридските ракометари продолжуваат со несмален интензитет. Охриѓани ќе тренираат во пеколен ритам, а, нов контролен натпревар ги очекува в петок против Тиквеш.

OhridNews