„Гладијаторите“ седмата сезона во македонската ракометна елита ќе ја започнат со нов предводник откако клубот и Раде Стојановиќ ја официјализираа соработката. Поранешниот репрезентативец на Македонија, денеска, ги договори сите детали со клубот и стави потпис на едногодишниот договор.

  • Сакам да изразам голема благодарност за клубот кој ми укажа доверба. Охрид како клуб многу ми се допаѓа и гледав и слушав само добри работи Клубот неколку сезони играше во плејофот, излезе и во Европа и ќе тежнееме да се водиме на тој пат. – изјави Стојановиќ.

Тренерската кариера Стојановиќ ја почна како асистент во Металург 2 во 2017 година и како прв тренер на младинската екипа. Во трите сезони колку што ги предводеше младите „металурзи“ три пати стигнуваше до титулата во националниот шампионат. Минатата сезона во финалниот натпревар од Младинската лига пулените на Стојановиќ го совладаа Охрид во драматичен финиш со еден гол разлика.

Подготовките за новата сезона во Супер лигата под водство на Стојановиќ, ракометарите на Охрид ќе ги започнат во август месец.

OhridNews