Раде Стојановиќ и следната сезона ќе биде на кормилото од Ракометниот клуб Охрид. Двете страни, денеска, ја официјализираа соработката за уште една сезона. Амбициозниот стратег, минатата сезона дојде во Охрид и клубот веднаш го врати во плејофот, кој нажалост не се одигра поради прекинување на првенството, како последица од ширењето на вирусот Ковид -19.

Официјално пуштивме рака и ставивме потпис за продолжување на соработката со Ракометниот клуб Охрид. Двете страни, во првата сезона ги исполнивме зацртаните цели, затоа, лесно и брзо најдовме заеднички јазик за нова соработка. Сакам јавно да и се заблагодарам на клупската управа, навивачката група „Рибари“ и охридската публика, кои се срцето и душата на екипата. Ние, во текот на целата сезона дававме максимум, секогаш атакувавме на позитивен резултат и така ќе биде во иднина. – изјави Стојановиќ.

„Гладијаторите“ со позитивниот скор со Металург, победите на сите мечеви на домашен терен и најдобрата одбрана во Супер лигата најавија возбудлив плејоф. Но вирусот, не дозволи ракомет и сите охриѓани останаа покуси за нови ракометни натпревари во СРЦ „Билјанини Извори“.

Екипата забележа многу добри резултати во регуларниот дел од Супер лигата и завршување на втората позиција со само бод помалку од Металург. Подобриот скор со Металург, најдобрата одбрана во лигата и креативниот напад ветуваа многу во пресрет на натпреварите од плејофот. Од личен аспект жалам што сезоната не продолжи и да заврши пред полни трибини и борба за секоја топка во мечевите за титулата. – додаде Стојановиќ.

Целта на клубот пред почетокот на плејофот беше пласман на местата од табелата кои водат во Европа. Целта не може да се оствари, но желба во клубот за играње во Купот на ЕХФ постои.

Желбата за излез во Европа останува во клубот. Нашата цел беше јасна пред почетокот на плејофот и затоа ја посакуваме довербата од РФМ. – дополни охридскиот стратег.

Стојановиќ се осврна на новиот изглед на Супер лигата. Во следната сезона ќе учествуваат 14 екипи, поделени во две групи. Првите три екипи на табелата ќе играат во плејофот додека преостанатите ќе се борат за опстанок.

Нашата цел во следната сезона е завршување на првите две места од групата и учество во плејофот. Сите ќе имаат шанса бидејќи речиси половина екипи од групата ќе играат во плејофот. Влегуваат нови прволигаши, кои сигурно ќе сакаат да се покажат во вистинско светло. Од другата страна имаме „стари“ суперлигаши кои ќе постакуваат да играат во плејофот. – рече Стојановиќ.

Охрид, активно преговара со играчите од тековниот ростер и во најскоро време ќе ги обелодени сите кои имаат потпишано нови договори.

Мх.П.