МЈП „Проаква“ упати апел до сопствениците на објекти во населбата Рача кои имаат септички јами истите да ги испразнат и да се приклучат на канализационата мрежа со цел да се спречи загадување на изворите во Студенчишта кои се главен извор на вода за пиење на Охрид.
Водата во градскиот водовод која секојдневно се третира и контролира е здрава за пиење и со висок квалитет, додека квалитетот на водата од Билјанини извори не е како што треба, ни изјави Бранко Трпчески, директор на „Проаква“. Претпоставките се дека тоа се должи на понирањето на отпадните води од септичките јами во населбата Рача која сеуште целосно не е приклучена на колекторот, велат од Проаква.
Септичките јами околу изворите да се затворат-Бранко Трпчески
Од Заводот за здравствена заштита кој редовно ја контролира водата од Билјанини извори информираат дека од време на време резултатите од испитувањата на примероци од вода укажуваат на доток на бактерии во водата од Билјанини извори. „Треба да се вииди од каде може да дојде фекална маса, од септички јами, канализациони мрежи, отпади, и да се спречи натамошното загадување“, вели Атанаско Михаилов, раководител на ЗЗЗ-Охрид. Според него за да се спречи загадувањето на изворите во Студенчишта, потребно е Велестово и Рача да се приклучат на канализационата мрежа , извориштата да се обезбедат и заградат и да се исчистат дивите депонии кои се наоѓаат во нивна близина.
Изворите во Студенчишта мора да се обезбедат-Атанаско Михаилов
Локалната самоуправа неодамна ја заврши изградбата на главната канализациона мрежа за населбата. Сега е потребно објектите кои користат септички јами да ги приклучиме на колекторот, изјави за Ohridnews, Бранислав Трпчески, дирекрот на МЈП „Проаква. „Во тек е лоцирање на објектите кои користат септички јами и се надеваме дека до почетокот на летната сезона сите тие ќе ги конектираме на колекторот, но исто така апелираме до грѓаните да се пријават во МЈП „Проаква“ за да бидат приклучени на канализацијата“, рече Трпчески.
Во н. Рача во тек е легалиација на голем број објекти и не може со точност да се каже колкав е бројот на објекти кои не се приклучени на колекторот, вели Трпчески. Тој изрази надеж дека со заеднички напори на општината и „Проаква“ сите тие наскоро ќе бидат приклучени во канализационата мрежа, со што ќе се спречи натамошното загадување на изворите во Студенчишта.
Горан Момироски