Работниците ја обвинуваат стечајната управничка Драгица Алачова дека го одолговлекува стечајот на фабриката. Тие побараа Основниот суд – Охрид да ги согледа пропустите во стечајната постапка што започна на први јануари 2005 година и која сеуште не завршена. Работниците бараат судот да иницира Собрание на доверителите на кое би се одлучило дали фабриката ќе се реорганизира и ќе продолжи да работи или ќе се ликвидира.
Работниците се пожалија дека четири години не им се уплаќаат придонеси и дека повеќе од 15 месеци не зеле плата. Производството во АД Виор Ростфрај под стечај сега се одвива со дваесетина работници. Некогашно „Братство“ вработуваше 500 работници и голем дел од производството беше наменето за пазарот на тогашна Југославија.