Традиционално, во пресрет на финалето на националниот куп, беше одржана прес конференција во просториите на ФФМ со претставниците на екипите, финалисти ФК Работнички и ФК Тетекс.

Шефот на стручниот штаб на ФК Работнички , Зоран Стратев за кого ова е трето финале, досега еднаш ја почуствувал сласта на успехот но и на поразот и најави дека неговите играчи ќе одиграат максимално ангажирано и мотивирано.

 – Тетекс е одличен тим и заслужува подобар пласман на прволигашката табела, изјави Стратев и потврди дека „романтичарите” на оваа средба ќе играат без Вандеир кој  заминал за Бразил.

Капитенот на ФК Работнички, српскиот интернационалец  Раденко Бојовиќ кој еднаш го подигнал големиот пехар со својот тим најави хет-трик на екипата од Дебар Маало во куп натпреварувањето како прва македонска екипа која го остварила тој подвиг.


Шефот на Тетекс, Тони Јакимовски , потесети на  извонредното финале кога со екипата на  Цементарница под водството на Зоран Стратев го совладаа фаворизираниот тим на Слога Ј. и најави добар, квалитетен и докрај неизвесен натпревар.

За капитенот на „текстилците” Дарко Савевски ова е историскиот момент за Тетово и Тетекс , да се освои првата титула во богатата историја на клубот.

 – Работнички е во предност поради домашниот терен, но ние играме добро, особено во гости и тука ја гледам нашата шанса , се разбира и во подршката од страна на „војводите”, рече Савевски.

Натпреварот се игра  на Националната Арена Филип Втори со почеток во 16ч. Главен судија е Владимир Кипријановски.