Работна средба на тема „Учи паметно-работи стручно“ ќе се одржи денес со почеток во 13:00 часот во просториите на РЦСОО „Ванчо Питошески“.

На средбата обраќање ќе има помошник раководител на Сектор за јавни дејности при Општина Охрид, Јоне Станковски, додека презентација на позитивните искуства и образовните профили ќе имаат директорите на РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид, Тони Андрески, на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид, Сашо Недески и на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид, Ристе Јанкоски. Предвидена е и презентација на искуства од страна на обучувач од компанија и на ученик.

Општина Охрид и локалната самоуправа, активно работи на подобрување на средното стручно образование, со единствена цел да креира квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот, но и да ја зголеми можноста за вработување на младите. Компаниите и нивните потреби од стручен кадар ќе имаат најважна улога при дизајнирање на наставните програми. Со цел да се идентификуваат истите, се повикуваат компаниите да земат активна улога во целиот процес преку давање на предлози, сугестии и мислења како да се унапреди системот на средно стручно образование, и кои наставни профили да се отворат во училиштата кои се во областите каде што компаниите делуваат, посочуваат од Општина Охрид.

Како предлог теми за кои ќе се споделуваат мислења како дел од овој социјалниот дијалог се наведени: какви профили на кадар, односно вработени со какви знаења и вештини им се потребни на компаниите, дали компаниите би примиле ученици на практична настава (од кои струки/профили), кои се евентуалните пречки со кои се соочуваат компаниите во врска со спроведувањето на практичната настава и предлози како истите да се надминат и каква е соработката на компаниите со училиштата и кои се можни начини за унапредување на истата.

OhridNews