Недела одамна не е неработен ден за македонските политичари. Особено не сега во екот на изборната кампања. Охрид денеска ќе биде во фокусот на интересирање на двете најголеми политички партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Овие две партии водат жестока борба за градоначалник на Охрид, во која се „пука “ од сите орудија.

Охрид е интересен и за кандидатот за претседател на државата од СДСМ, Љубомир Фрчкоски, кој синоќа беше гостин во емисија што се емитуваше на Тв М. Во Охрид денеска ќе престојува и лидерот на НСДП и кандидат за градоначалник на Скопје, Тито Петкоски, кој ќе присуствува на потпишувањето на меморандумот за поддршка на кандидатот за градоначалник, Александар Петрески, помеѓу неговата партија и СДСМ.

На Трендафилов во поддршка му доаѓа лидерот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер, Никола Груевски. Тој ќе има средба со охриѓани, а ќе присуствува и на најавеното потпишување на меморандум за поддршка на Трендафилов со интелектуалци и видни граѓани.

Лутите политички ривали зад себе оставаат бурна изборна недела, во текот на  која двете страни си разменија жестоки обвинувања. Партиските расправии на висок тон и острата реторика никого не остави рамнодушен. Останува да се надеваме дека двете страни, како што впрочем ветија и се обврзаа, нема уште повеќе да го спуштат нивото на политичка комуникација, не само поради будното око на меѓународната заедница, туку поради Охрид и нас самите.

Ohridnews