Во врска со престојната зимска сезона 2024/2025 година, СВР Охрид одржа работен состанок со надлежните субјекти од општините Охрид и Дебрца, одговорни за зимско одржување на улиците и патиштата како и со градежните компании кои, работаат на изградба на автопатот Охрид-Кичево.

Целта на состанок беше координација и дефинирање на предлог мерките за поуспешно дејствување на сите надлежни субјекти повикани за зимското одржување на патиштата и безбедно одвивање на патниот сообраќај во зимски услови, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Притоа, истакнува, ажурирани беа работните планови и програми за работа и одржување на патиштата во пресрет на зимската сезона и прецизно се дефинираа задачите и обврските на сите субјекти кои директно или индиректно се повикани за решавање на оваа проблематика.

На работниот состанок беа утврдени материјално техничките средства и човечките ресурси со кои располагаат надлежните јавни претпријатија за одржување на патиштата и улиците, нивната подготвеност за преземање на мерки за зимско одржување на патиштата, навремено известување и координација за состојбата на патиштата, вели Димоски.

Работниот состанок, додава, значи уште еден обид за синхронизирање и координирање на мерките на сите субјекти поврзани со зачувување на употребната вредност на патиштата и високо ниво на функционална состојба што треба да овозможи непречен и безбеден сообраќај во зимски услови.

OhridNews