Работниот дел Безбедносниот форум на ЕАПС започнува денеска со Пленарната средба на форумот на ЕАПС на која ќе говори генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, а на учесниците на Форумот ќе им се обрати и премиерот Никола Груевски.
Безбедносниот форум ќе се одвива на три панел дискусии на кои ќе се расправа за Косово и иднината на Балканот, за енергетската безбедност и за Авганистан.
Инаку Безбедносниот форум на ЕАПС, синоќа беше отворен со неформална работна вечера на која поздравно обраќање имаа генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер и македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.
„Сеопфатната слика на Балканот е позитивна, екстремизмот е ставен на маргините на политичкиот живот во најголемиот дел од земјите во регионот, но мора да останеме внимателни. Гласовите на демократијата и слободата во Југоисточна Европа имаат обврска и понатаму гласно да се изразуваат, а евроатлантската перспектива е од суштинско значење, затоа потребно е да се оддалечиме од практиката дека „на подедникот во политиката му припаѓа се“ и да се зајакне владеењето на правото и да се зајакнат мѓусоседските односи, рече, Шефер.
Шефер искажа задоволство од напредокот што го прават земјите членки на Јадранската група и изрази надеж дека тие ќе ги исполнат очекувањата и ќе се приближат кон членство во НАТО на Самитот во Букурешт.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски истакна дека иднината на регионот е во неговата брза интеграција во структурите на НАТО, но и дека докрај не е склопен мозаикот што ќе ја комплетира целосната интеграција на регионот во европските и евроатлантските структури.
„Останува да се реши конечниот статус на Косово. Предлогот на Ахтисари е ставен на маса, преговорите – формални и неформални, добиваат на динамика“, рече Милошоски. Тој смета дека решението за Косово не треба да се одлага бидејќи, како што рече, „какво и да биде, решението ќе биде донесено во контекст и во интерес на целиот регион што ќе произведе понатамошна стабилност и соработка меѓу соседите“
Предвидено е денеска околу пладне генералниот секретар на Алијансата да одржи прес коинференција, по што ќе се одржат завршните панел дискусии.
Г. Момироски