Автобуските превозници и камионските транспортери од Охридскиот регион, од 16 јуни наредната година, задолжително мора да имаат вградено дигиталните тахографи во возилата. Ова го предвидува Предлог-законот за работно време, задолжителни одмори на мобилни работници и уреди за запис во патниот превоз  (тахографи), кој е во Собраниска процедура од минатата недела.

Без  дигитален тахограф тешките товарни возила  над 3,5  тони не ќе може да патуваат во Европската унија. Дигиталните тахографи ќе овозможат попрецизно евидентирање на бројот на часови  на патување и одмор на возачите. Ќе може да се вчитува брзината на движење на возилото и ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот. 

Предлог-законот за тахографи, е усогласен со европските директиви, а изработен во соработка со синдикатите и здружението ан автобуски превозници. Дигиталниот тахограф е попрецизно и посигурно средство за снимање и меморирање, отколку опремата која се користи сега. Направата ги снима сите активности на возилото, поминатата километража, брзината и времето поминато во возење, како и периодите во кои возилото одмора. Системот вклучува печатач, кој може да биде употребен при патна инспекција, додека возачот поседува картичка во која е инкорпориран микрочип, која тој мора да ја инсертира во тахографот кога презема контрола врз возилото. На овој начин се поедноставува процесот на контрола.

Ohridnews