Вкупно 4.816 охриѓани се евидентирани на листата на невработени во Агенцијата за вработување заклучно со месец мај 2015 година. Оваа бројка е за 589 лица поголема од бројката на невработени охриѓани која бeше регистрирана во мај 2014 и изнесуваше 4.227 лица.
Според степенот на образование во рамки на мајската евиденција во Охрид, запишани се 779 лица со високо образование, а во моментов работа бараат и 55 магистри и еден доктор на науки. Во евиденцијата на невработени охриѓани запишани се и 169 лица со виша школа и 1.401 лице со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа немаат 1.093, а со основно образование 1.318 охриѓани.
Регистарот на Агенцијата за вработување покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.804 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 956 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид вработување очекуваат и 1.056 лица, помлади од 30 години.
Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.632 невработени или 448 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.184 места.
OhridNews