Кој ќе ги чува чуварите? Оваа латинска фраза која се препишува на Јувеналовите сатири, а во минатиот век е позајмена од Алан Мур, и се провлекува низ дејствието на неговиот стрип „Чуварите“ (The Watchmen) како да е актуелна и денес, како да се однесува на ова наше општество. Кој ќе ја надгледува работата на оние кои владеат, кои се дел од државата, од институциите? Дали тие полагаат сметка некому, но не на начинот како што тоа го манифестираат, преку некаков „отчет“, скоцкан во некоја канцеларија и визуелно уреден од некоја маркетинг агенција. Колку нивната работа е вистински транспарентна, дали оние кои носат долгорочни планови искрено ја сакаат соработката и критиката од јавноста, или пак сè тоа се прави само pro forma? Треба ли слепо да веруваме во работата на институциите, како жители на оваа земја или треба да сме активни чинители и да ја следиме будно секоја нивна активност? Чуварите на Алан Мур се токму таков коректив на една заробена држава, исто како што е и В, протагонистот на неговиот стрип „В како Вендета“, кој ги разоткрива коруптивните државни органи и припрема добро изградена освета со цел да ги сруши темелите на таа држава на стравот.

Моралната ерозија веќе е очигледна. Носителите на јавни функции како да заборавиле од каде дошле и кого треба да застапуваат. Секој ден ја испитуваат издржливоста на народот и носат одлуки на штета на луѓето, животната средина, економијата итн. Се чини како институционалната хипокризија во Република Македонија да ја достигна својата кулминација за време на владата на ДПМНЕ, но расплетот се случува изминатиов период, кога на власт е СДСМ. Оние слаткоречиви настапи пред камери или изјави во медиуми веќе и не се толку уверливи. Од ден на ден сè помалку доверба во очите на обичниот граѓанин. Како провокација за овој текст е предлог-планот за управување со Охридскиот Регион, кој е последица од Реактивната мисија на УНЕСКО, и нивните забелешки кои беа преточени во детален извештај. Доколку не дојдеше притисок однадвор, но и внатре, од страна на формални и неформални здруженија и иницијативи, прашање е дали воопшто работите ќе тргнеа од мртва точка, но исто така целта не е само да се состави некаков документ, туку дали и како тој ќе се имплементира на дело.

Приказната почнува пред пет години, во екот на мегаломанските проекти кои требаа да го сменат визуелниот опис на Охридскиот регион и од него да направат забавен парк за туристи, преку уништување на автентичното. Како врв на тие аспирации беше намерата да се изгради населба во границите на Студенчишко Блато, иако предизборно кандидатот на ДПМНЕ во својата програма го најавуваше спротивното – ревитализација на блатото. Тоа иницираше создавање на една неформална група, кои решија да се спротивстават на овие идеи, преку аргументиран пристап. Ситуацијата наметна граѓаните да бидат чувари, или набљудувачи на институциите, бидејќи тие очигледно застранија.

Исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион како да беше неважна за носителите на јавни функции. Без јавна дебата и консултации со стручната јавност, преку притисок кон круцијалните институции имаа намера да извршат трајна промена на природното и културно наследство. Вработените во тие институции, стручни лица, или со научни звања и искуство, стаж, или беа приморани да ја вршат валканата работа или да молчат, додека се случува нешто кое е спротивно на нивните институции или убедување.

Новата власт донесе одлука за прекинување на тие мегаломански предлог-проекти, што беше само еден мал процент од проблемот. Наместо искрен пристап тие продолжија во стил на своите претходници, навидум да се транспарентни, а всушност само козметички да ги санираат отворените рани, а не да ги излечат. После реакција на формалните и неформални здруженија и иницијативи, експресно се повлекоа Стратегијата за развој на туризмот, Законот за управување со Охридскиот регион, со што само се покажа дека институциите се или без
капацитет или беше разоткриена нивната итрина на мала врата да протнат недоречени или лоши документи. За разлика од порано, сега се следи секој нивни чекор, иако тие се трудат да се претстават себеси како нешто што не се, загрижени и спремни за соработка.

Чашата, се чини, ја прели предлог-планот за управување со Охридскиот регион. Во него, како соработници се наведени поединци кои за време на претходната власт беа неми набљудувачи на сите негативни тенденции, беа директни учесници или воопшто не им е местото тука. Луѓе кои со децении биле активни чинители да дојдеме на ова ниво и со свои одлуки предизвикале внимание кај УНЕСКО, ИКОМОС, ИУЦН и други меѓународни тела и институции. Јавноста има право да ги знае нивните имиња, со оглед дека предлог-планот не го виделе многумина. На почеток, самиот координатор на процесот на подготовка на планот (во делот на културното
наследство), Зоран Павлов, од Управата за заштита на културното наследство, кој како дел од националната комисија за УНЕСКО, уште додека децениски генерален секретар беше Лидија Топузовска, го премолчи уништувањето на Плаошник со оние бетонски структури, нетипични за тој амбиент, кои беа причина за првата Реактивна мисија од 2013 година. Цветанка Ласкова, заведена како посебен советник за култура, нема соодветна стручност да учествува во вакво тело. Не е наведен нејзиниот минат труд или експертиза. Понатаму, во работната група е и Тања Паскали Бунташеска, која додека беше директор на Завод и музеј Охрид се случи урбаниот атак со тие огромни згради на Плаошник. Наместо кривична одговорност, или санкции, ете ја како соработник.

Во работната група за природното наследство се наоѓа Влатко Трпески, од Министерството за животна средина и просторно планирање, кој со години ја кочи номинацијата на Охридското Езеро и Студенчишко Блато во Рамсар, иако ги исполнуваат сите критериуми за впишување. Како други соработници во изготвување на планот, наведени се и Антонио Гавриловски, од кабинетот на градоначалникот на Општина Охрид, кој е добар глумец, навидум загрижен за природното и културно наследство а всушност сопственик на мноштво парцели во месноста Горица, па веројатно се надева на поволен момент да го материјализира тоа наследство; потоа Лилјана Јоноска, од секторот за урбанизам, која пред три години тврдеше дека нема ништо спорно со објектот во Лагадин; нејзиниот колега, Бранко Арнаудовски, кој е константа во тој сектор и е еден од главните виновници за урбаната експанзија, тоа е веќе јавна тајна, пред извесен период и поранешниот претседател на Владата на Република Македонија, Заев, на партиска трибина во Охрид го спомна, алегориски, како мечката во секторот за урбанизам. Многу општински гарнитури се сменале, тој остана; Вера Рауник, која ги премолчува сите лоши практики на општината и не е на висина на задачата.

Како некој да се надева на позитивен исход кога двете партии си се штитат и дури бесрамно ѝ се исмејуваат на јавноста и меѓународните институции в лице, ставајќи поединци на кои и не им е местото во вакви тимови, на вакви круцијални документи, да се соработници? Дали има поголемо лицемерие од ова? И покрај сите стручни лица, сите наведени, и други, покрај сите експерти, предлог-планот беше преполн со недоречености, непрецизен, изготвен набрзина, без сериозен пристап. Во документите мапите беа премали, деталите невидливи. Да се додворат, институциите наместо јавен увид, поканија членови на неформалната иницијатива да ги погледнат, накнадно.

Како потврда на лошиот предлог-план, беа и стотиците предлози, коментари и забелешки доставени од поединци, групи или правни лица. Од 275 страници со коментари и забелешки, 154 страници отпаѓаа само на оние доставени од неформалната граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ. Останатите 121 страница се сите коментари на останатите дваесеттина физички и правни лица кои зеле учество во процесот.

Зарем за секој еден документ треба обичниот граѓанин да биде коректив, чувар, поголем експерт од експертите? Зошто воопшто толку дупки во предлогот, при толку соработници, стручни лица, како што се наведени во листата? Зарем волјата на оние кои се во институциите треба да е помала од онаа на волонтерите, на ентузијастите? Зошто земаат државни плати ако некој ги пополнува нивните недостатоци? И што ако се вклучат забелешките? Што понатаму? Кој ќе е гарант на примената? Кои ќе се орудијата за правилна и доследна имплементација, а не само уште еден куп хартија во некоја фиока, како што беше Студијата за ревитализација на Студенчишко Блато? Или сево ова е само маска пред УНЕСКО, пред домашната и странска јавност дека сме сработиле нешто? Како ќе потврдат државните службеници дека ова не е форма без суштина?
Со своите слатки зборови и куртоазија пред камери, во e-mail пораки? Или држење говори на научни собири, како овој последниот, каде повторно дел од овие „стручни“ соработници беа говорници или учесници?

Владимир Трајановски
Охрид

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите