Рускиот претседател, Владимир Путин, во своето обраќање во Парламентот истакна дека кримскиот референдум е демократски и дека ситуацијата на Крим е аналогна на Косово, пренесува „Макфакс“.

Тој пред пратениците на Думата додал дека референдумот на Крим е во рамки на меѓународните закони.

„Крим беше и остана неделив дел од Русија. Пред тоа се немоќни и времето и околностите и сите историски промени“, изјавил Путин и додал дека Русија не можела да не одговори на молбите за помош затоа што тоа би претставувало предавство.

Путин рекол дека повеќе од 82 проценти од граѓаните на Крим излегле на гласање и дека резултатот од референдумот на кој повеќе од 96 проценти од граѓаните гласале за припојување на Крим на Руската Федерација не остава простор за преговори.

Според него, одлуката за предавање на Крим на Украина во 1954 година е донесена со очигледно кршење на уставните норми што важеле во тој момент, на лична иницијатива на Никита Хрушчов.

Путин рекол дека се потпрел на Повелбата на Обединетите нации при прогласувањето независност на Крим, како што направила Украина истапувајќи од поранешна СССР, а се базирал и на косовскиот преседан, пренесува РИА Новости.

„Од некои причини, тоа што го можат Албанците на Косово им се забранува на Русите, Украинците и кримските татари на Крим“, рекол Путин.

„Едностраното прогласување независност на Косово беше легитимно според меѓународното право и Меѓународниот суд на правдата и истото правило важи и за Крим“, додал тој.

Русија ја отфрла „потребата“ за жртви во прогласувањето на независност на Крим, рекол Путин и додал дека можело да дојде до крвопролевање, но дека силите на кримската самоодбрана спречиле евентуална провокација и ја пофалил украинската војска која била воздржана во текот на кризата.

Путин рекол дека во случајот со Украина западните партнери ја поминале границата, се однесувале грубо, неодговорно и непрофесионално, а дека главните извршители на државниот удар станале националисти, русофоби и екстремисти кои сега го одредуваат животот во таа земја, пренесува Итар-тасс.

Рускиот претседател рекол дека односите со Украина за Русија секогаш ќе бидат најважни и клучни, а дека Москва по распаѓањето на Советскиот Сојуз фактички и правно го призна Крим како украинска територија „сметајќи на тоа дека Украина ќе биде добар сосед“ и дека „легалните интереси на руските граѓани ќе биде осигурани“.

OhridNews
извор:„Макфакс“