Претседателот на Русија Дмитриј Медведев формираше специјална комисија за истрага на околностите околу авионската несреќа во која утринава загина полскиот претседател Лех Качински.

Во соопштението на Кремљ се наведува дека комисијата ќе ја предводи лично премиерот Владимир Путин.

На местото на несреќата е испратен Министерот за вонредни ситуации на Русија Сергеј Шојгу, како и повеќе инспектори и криминалисти, а претставник на руското Министерство за вонредни ситуации за Смоленска област појасни дека во авионот се наоѓале 132 лица.

Авионот од типот Тупољев 154, кој летал од Варшава за Смоленск, најверојатно поради густа магла при слетувањето се залетал во крошни од дрва по што паднал на земја и се запалил, а гувернерот на регионот Смоленск Сергеј Антуфијев потврди дека несреќата не ја преживеало ниту едно лице.

Во авионот се наоѓале претседателот на Полска, неговата сопруга, началникот на генералштабот на полската војска и заменик министерот за надворешни работи кои патувале на свеченоста по повод 70-годишнината од масакрот на полските војници во Катинската шума

Полската држава денеска загуби 88 политичари и јавни личности

Претседателот на Полска Лех Качински денеска предводеше државна делегација од 88 членови на, за жал, последно патување.

Според агенциските информации, во авионската несреќа, во рускиот град Смоленск, во која нема преживеани покрај Качински и неговата сопруга Марија, загина и неговиот брат близнак, поранешниот премиер на Полска Јарослав Качински, што подоцна беше демантирано. Јарослав Качински во последен момент го откажал патувањето за да остане со својата болна мајка и ја избегнал трагедијата.

Во авионот биле и двајца потпретседатели на полскиот Сејм, потпретседателката на Сенатот, воена делегација, предводена од началникот на Генералштабот на полската армија, гувернерот на централната банка, бискупи, преставници на боречки организации.

Броњислав КоморовскиОбезглавената полска држава засега ќе ја предводи претседателот на Сејмот на полскиот парламентот Броњислав Коморовски, кој во рок од две недели треба да го објави датумот за одржување на предвремени претседателски избори.

Засега не потврдена точната бројка на патници во претседателскиот авион. Според едни извори во авионот имало 88 луѓе, а според други 132.

Полската делегација патувала во Смоленск на одбележувањето на 70-годишнината на масакрот на 22 илјади полски војници во Катинската шума.

OhridNews