Рускиот претседател Владимир Путин вчера го потпиша указот за воведување посебни економски мерки за Турција, како одговор на турското уривање на рускиот борбен авион во вторникот на сириско-турската граница за што Москва очекуваше извинување од Анкара, кое и покрај помирливите тонови, сепак не дојде.

„Претседателот на Русија, Владимир Путин, го потпиша Указот „За мерките за осигурување на националната безбедност на Руската Федерација и заштита на граѓаните  од криминални и други нелегални активности и за примената на специјалните економски мерки против Турција“, се вели во соопштението што го објави Кремљ.

Указот беше објавен и веднаш стапи на сила на 28-ми ноември и се наведува дека ќе биде на сила до укинувањето на тие мерки.

Целта на овие мерки на руската влада чија цел е „да се гарантира националната безбедност и безбедноста на руските граѓани“, откако претходно во петокот министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е многу загрижена за зголемувањето на терористичките закани во Турција и оти тоа е директно поврзано со безбедноста на Руската Федерација, зашто преку Турција се одвива најголемиот проток на милитанти во сите насоки.

Мерките опфаќаат забрана за чартер летовите меѓу Русија и Турција, забрана за вработување на турски работници кај руски работодавачи и забрана за увоз на некои руски стоки, се наведува во одлуката што ја објави Кремљ.

Од 1-ви јануари 2016 година руските работодавачи „повеќе нема да можат да вработуваат (…) турски државјани“, се истакнува во указот со кој се ограничува и можноста за работење на „организација во турска правна надлежност“ на руска територија. Се предвидува, исто така, без да се наведе временскиот рок, „забрана или ограничување на некои видови стоик од Турција“, според пописот кој го подготвила руската влада, чија содржина не е објавена, за разлика од објавувањето на контрамерките кон Европската унија, САД и другите западни земји по воведувањето на нивните санкции.

Според соопштението на Кремљ, Путин ја задолжил владата да „изработи список со стоки и услуги за коишто економските мерки (…) нема да се применуваат“.

Путин, покрај тоа, „побара од руската влада (…) да донесе мерки за забрана на чартерскиот воздухопловен сообраќај меѓу Русија и Турција“, а руските туристички агенции треба „да се воздржат на руските граѓани да им нудат производи кои вклучуваат посети на Турција“. Според некои претходно процени, ваквата мерка може да претставува сериозен удар на турскиот туристички сектор, кој од неколкуте милиони руски туристи минатата година остварил приход од повеќе од 4 милијарди долари.

Покрај тоа, „од безбедносни причини“, кон турските воздухопловни компании ќе се применуваат построги контролни мерки на руска територија. Со указот и официјално се потврдува воведувањето на визниот режим за Турците, како што во петокот најави Лавров, мерка којашто ќе се применува од 1-ви јануари.

Досега одличните односи меѓу Москва и Анкара кои резултираа со големи договори во енергетската сфера со којашто е дефицитарна Турција, западнаа во сериозна криза откако турските ловци во вторникот соборија руски бомбардер на сириско-турската граница, од руската воздушна флота која дејствува против терористичката организација Исламската држава. Русија е гневна и ја обвинува Турција дека ја помага Исламската држава и бара извинување кое турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган не ја даде, но порача дека такви иднини нема да се повторат и оти се надева дека веќе во понеделник ќе има можност да се сретне со Путин за да разговараат за деескалација на тензиите.

OhridNews
Извор: „Макфакс“