Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги потпиша законите со кои четирите украински региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје се приклучуваат на Русија. Како што пренесуваат странските агенции, овој потег на претседателот на Русија ја финализира анексијата извршена спротивно на меѓународното право.

На почетокот на неделава двата дома на рускиот Парламент ги ратификуваа договорите со кои четирите украински региони се приклучуваат кон Русија. Формалностите следеа по „референдумите“ организирани од Кремљ во четирите региони, кои Украина и Западот ги отфрлија како лажни.

Рускиот претседател го назначи Денис Пушилин за вршител на должноста шеф на Народната република Доњецк, Леонид Пашечник за привремен шеф на Народната република Луганск, Евгениј Балицки за вршител на должноста гувернер на областа Запорожје и Владимир Саљд за привремен гувернер на регионот Херсон.

Вршителите на тие региони управуваат со териториите додека не се изберат шефовите на новите региони во согласност со руските закони на изборите следната година.

Законите, кои Путин ги потпиша денеска, конкретно ги дефинираат границите на новите конститутивни ентитети на Руската Федерација, според кои тие одговараат на оние што „постоеле на денот на нивното создавање и присоединување кон Русија“.

Тие прецизираат дека границите на новите субјекти со други земји ќе се сметаат за државни граници на Русија. Според законите, жителите на новите региони се сметаат за руски државјани од денот кога териториите биле прифатени во Русија на 30 септември.

Оние кои сакаат да се откажат од руското државјанство, сепак, имаат еден месец да аплицираат за тоа.

OhridNews