Ди Каприо бил на пат кон Русија за да учествува на меѓународниот форум за заштита на тигрите, кога неговиот авион бил присилен да слета на аеродромот „ЏФК“ во Њујорк, поради пожар на еден од моторите.
Но, тука маките на холивудската ѕвезда не завршиле. Поради силните ветришта над Атлантскиот океан, вториот авион во кој се качил Ди Каприо за да стигне во Санкт Петерсбург, го потрошил сето гориво пред да стигне до крајната цел и бил присилен да слета во Хелсинки, каде што наполнил гориво и Ди Каприо, конечно стигнал на крајното одредиште.
„Не само што дојде во Санкт Петерсбург, Ди Каприо влета тука преку првите борбени линии. Тоа е она што ние го нарекуваме вистински маж“, рече Путин.
Путин, исто така, му се заблагодари на актерот за неговата донација во фондот за спас на тигрите. Ди Каприо во текот на оваа година успеал да собере 20 милиони долари за фондот „Фонд за светскиот див свет“ (World Wildlife Fund) и неговата кампања „Спасете ги тигрите сега“.
Овој фонд планира да потроши 85 милиони долари во наредните пет години, на разни програми чија цел е обновување на глобалната популација на тигри. Според фондот, во моментов има останато околу 3.200 тигри во 13 држави.
Пред еден век, на светот имаше популација од преку 100.000 тигри, претежно во Азија и на рускиот Далечен исток.