Во основното училиште „ Братство и единство“, денес, со пригодна свеченост беа ставени во употреба реновираните простории, во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, финансиран од страна на Европската команда на американската војска.
– Придобивките од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието се големи и значајни за соживотот меѓу учениците и наставниците во училиштето, бидејќи со нив се овозможува надминување на предрасудите и стереотипите кои постојат. Се овозможува меѓусебна соработка, дружење и осознавање на културата на другата заедница. Општина Охрид финасиски и логистички го поддржа проектот на УСАИД и ЕУКОМ за реновирање на објектите при ОУ „Братство Единство“, преку Јавните Претпријатија „Градски Гробишта“ и „Комуналец“. Како градоначалник слободно можам да кажам дека грижата за младите ќе ја продолжиме и понатаму, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Директорот на училиштето, Муамер Доко им се заблагодари на сите кои учествувале во реализација на проектот за подобрување на условите за работа, потенцирајќи дека станува збор за значајна инвестиција во образованието со значаен акцент на меѓуетничката интеграција .
– Да се биде дел од проектот за меѓуетничка интеграција во образованието е предизвик и целта е да сме пример за многу други училишта во земјата. Претставуваме модел и за зголемување на довербата во пошироката јавност бидејќи училиштето е место каде младите имаат можност да ја формираат својата почит кон другите и да се запознаат со вредностите на другите етнички заедници, истакна Доко .
ОУ „ Братство и единство“ е едно од шесте модел училишта во Македонија и има тим за интеграција обучен за концептите на меѓуетничка интеграција во образованието и работи со користење на трите наставни јазика: албански, македонски и турски.
– Вашето училиште имплементира многу активности што интегрираат ученици од сите етнички заедници. Тие имаат можност заеднички да учат за демократско учество, да бидат дел од мултикултурните работилници, разни секции. Тука во Охрид сите ние работевме заедно на реновирањето на училиштето. Американскиот народ преку Европската команда на американската војска обезбеди околу 26500 долари, а училиштето и општината придонесоа со 3400 долари. Заедно ги искористивме овие средства за поставување нови прозори и подови во училишните згради, рече Дејвид Кокс, од канцеларијата на Американското Аташе за одбрана.
Канцеларијата за одбранбена соработка во Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието помага во реновирањето на 35 училишта во Македонија од 2012 година, а предвидено е реновирање на уште најмалку десет училишта во 2015.
Т.К.