Во Основниот суд во Охрид денска свечено беа пуштени во употреба новите административни простории по принципот на едношалтерски систем. Се работи за 5 одделенија за услуги на граѓаните и нова архива, кои се сместени на приземјето од судската зграда.

На свеченоста присуствуваа министерот за правда Михајло Маневски,  претседателите на Врховниот суд и на Републичкиот судски совет-РСС, Дане Илиев и Бедредин Исени и Даглас Меначик, помошник администратор на УСАИД за Европа.

Проектот е реализиран во рамките на националната програма за модернизација на судството во парнерство со американската агенција за развој УСАИД која донираше 130.000 долари, додека остатокот од 50.000 евра се обезбедени од судскиот буџетски совет.

„Судот е симбол на демократијата, а решавањето на инфраструктурните проблеми ќе придонесе кон зголемување на ефиксноста на судовите“, изјави на свеченоста Даглас Меначик, помошник администратор на УСАИД за Европа.


Нови простории – поголема ефикасност?!

За зголемување на ефикасноста на судството потребно е и модернизирање, но и нешто друго, смета претседателот на Врховниот суд, Дане Илиев (слика долу). Осовременувањето на охридскиот суд ќе значи подобар пристап на граѓаните кои ќе можат да добијат правовремени информации, рече Илиев.

Според него за поефикасно и поажурно судство во иднина ќе треба да се вложи уште многу и во подобрување на условите за работа на администрацијата, но и на однесувањето на вработените.

Токму условите за работа и малите плати се причина поради која судската администрација најави штрајк за наредната недела. Претседателот на Врховниот суд смета дека барањата на синдикатот се легитимни бидејќи, како што рече, платите на администрацијата во судството со години се замрзнати. Илиев информираше дека судскиот буџетски совет со ребалансот на буџетот предвидел зголемување на платите на администрацијата и дека сега се зависи од владата.

Министарот за правда Михајло Маневски најави дека ова прашање ќе биде решено со новиот Закон за судски служби кој е во подготовка.

Г. Момироски
фото: С. Костоски