Во продажба од денеска се картите за детскиот и големиот хуманитарен хепенинг за помош на 15-годишната Сара Настеска, на која итно и е потребна операција за пресадување коскена срж, која чини 200.000 евра. Двата настани ќе се одржат во недела, 28-ми октомври, под мотото „Играме и пееме за Сара“.

Цената на картите за секој настан поединечно чини 100 денари.

Детскиот хепенинг ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во недела, со почеток во 11 часот. Ќе настапат „Весели бисерчиња“, изведувачи од „Распеано рибарче“, музичките таленти на ОМУ „Методи Патче“, а куклениот театар при образовниот центар „Atlas World“ ќе ја изведе претставата „Си беше еднаш“.

Влез 100 денари.

Картите за настанот од денеска се продаваат низ градинките во градот и на мобилните пунктови што ќе ги постави Црвениот крст Охрид, како и на билетарницата на ЦК „Григор Прличев“ на денот на настанот (недела).

Истиот ден, ( недела на 28 октомври) од 19 часот, во Спортската сала „Билјанини Извори“, ќе се одржи голем хуманитарен хепенинг на кој ќе настапат музичари и повеќе уметници од Охрид и Струга:„Камелеон“, ФА „Бисери“, Петар Нечоски, Жармена и Китроз, Петар Маркоски, Горан Папаз, Каролина и Оли, „Јован и Јован“, „Дуо Black moon“, Дамјан Пејчиноски, Ивана Коскоска, ученици од Средното државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец од Струга и други.

Влез 100 денари.

Картите за настанот од денеска се продаваат низ градинките во градот и на мобилните пунктови што ќе ги постави Црвениот крст Охрид, како и на на билетарницата на СРЦ „Билјанини Извори“ непосредно пред почетокот на настанот (недела).

Во рамки на хуманитарниот хепенинг Здружението ЖЦ „Бисера“ Охрид ќе организираат базар со храна- вкусни домашни специјалитети, кои ќе се продаваат по симболична цена.

Сите собрани средства ќе бидат веднаш донирани на семејството Настески.

Настанот заеднички го организираат новинарите и медиумите од Охрид и ФА „Бисери“

Целта е да се анимира пошироката јавност во Охрид, од младо до возрасно, и секој во рамки на можностите да помогне колку може побрзо да се соберат потребните средства за лекување на Сара Настеска. Заедно сме посилни и уверени сме дека така ќе успееме во мисијата. – велат организаторите.

Организаторите упатуваат благодарност до Црвениот крст Охрид, центарот за култура „Григор Прличев“, спортската сала „Билјанини извори“, Лабино саунд, „Мега продукција“, „Принт студио“ Охрид, графичкиот дизајнер Антонио Стаматоски, до уметниците и учесниците во хуманитарните настани и сите помагатели.

Недела нека биде ден за САРА!

OhridNews