Пешачката патека која ги поврзува „Кошишта“ и „Варош“, долга е 150 метри во хоризонтална линија, широка 2,5 метри, а во неа се вградени 500 метри квадратни природен камен. Патеката целосно е осветлена, има три одморалишта и заштитни држачи по целата должина, информираат од локалната самоуправа.
Новоизградената пешачка патека во употреба ја пушти градоначалникот Александар Петрески кој истакна дека патеката која ја поврзува ул.„Кирил и Методиј“ со локалитетот Горна Порта, покрај тоа што е од големо значење за секојдневниот живот на граѓаните, ќе ги привлече и туристите кои со пешачење ќе можат да ја доживеат убавината на овој дел под калето.
Според најавите на локалната самоуправа во близина на новата патека наскоро ќе биде изградено и детско игралиште.