Со тоа се решава проблемот за околу 2000 жители на Пештани кои чекаа на овој момент 20 години, бидејќи досега фекалните отпадни води се третираа со септички јами и се влеваа во самото Езеро.
– Од денес Пештани повеќе не е село туку е туристичка населба, со ова доби многу не само Пештани, туку и Охрид и Македонија. Со конкрентни дела, а не фрази, покажавме дека се грижиме за заштитата на животната средина, рече градоначалникот Александар Петрески.
Покрај двете препумпни станици во Пештани е изградена и секундарна канализациона мрежа која ќе биде приклучена на колекторскиот систем. Овој дел од колекторскиот систем е во должина од 2 километри со што ќе се заокружи колекторскиот систем на македонска страна. Капацитетот на оваа делница од колекторот е три пати поголем од сегашниот потенцијал на Пештани, односно може да опфати 3-4000 објекти.
Со изградбата на делот од колекторот кај Пештани и Елешец ќе се заштити Охридското Езеро од загадување. Како што велат од Локалната самоуправа, во наредниот период останува да се реши проблемот со отпадните води во Свети Наум, Љубаништа и Трпејца, за што се изготвени проекти.
Денес, свечено беше одбележано и завршувањето на урбаното уредување на Пештани каде, покрај секундарната канализација што ја изгради Локалната самоуправа, е извршено и партерно уредување со бекатон плочки на центарот на населбата, околу црквата „Св.Врачи“ со четири околни краци, плоштадот, тротоарите, улични ивичњаци и осветлување со големи и мали канделабри вдолж главната улица и улиците во населбата.
За реализација на овие активности во Пештани, Локалната самоуправа од буџетот има издвоено над 32 милиони денари.