Отворен е новиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, десет пати поголем од досегашниот, кој ќе има капацитет да услужи четири милиони патници годишно. Инвестицијата вредна 100 милиони евра е на турската компанија ТАВ, која до 2030 година ќе управува со аеродромот.
Во присуство на неколку стотина граѓани, меѓу оние што ја пресекоа црвената лента што симболично беше отворен новиот аеродром беа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, генералниот директор на ТАВ Аеродроми, Мустафа Сани Шенер.
„6 септември 2011 година влегува во историјата како ден кога е заокружен еден од најголемите инфраструктурни зафати во поновата историја на Република Македонија“, рече премиерот Груевски.
„Проектите за аеродромите носат важни промени и претставуваат важен услов за создавање идни бизниси“, изјави Шенер.
Проектот за модернизација на аеродромот опфаќа нова терминална зграда од 40.000 метри квадратни со шест патнички пристапни мостови, продолжена полетно-слетна писта со што се овозможува оперирање на авиони со поголем капацитет, нов поголем паркинг за автомобили, нов карго терминал, противпожарна и спасувачка станица, нова административна зграда и комплетно нова внатрешна инфраструктура.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com