Националната установа Завод и Музеј Охрид во соработка со нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид денеска ја отпочна втората кампања за вадење на старо оружје од подводното депо кај плажата Сараиште во центарот на градот.

– Овој проект претставува продолжение на проектот од 2007 година, кога од езерските води беа извадени 62 вредни музејски експонати меѓу кои кубури, пушки и една сабја. Пронајдени се “каранфилки“, “мартинки“, “рашак и една пушка “хенри мартини“, истакна Никола Целакоски – историчар на уметност и кустос во охридскиот Завод и Музеј.


Подводниот локалитет го открил нуркачот  Боби Горичан на оддалеченост од 30 до 300 метри од брегот каде на длабочина од 3 до 8 метри се констатирани цели и фрагменти оружје што датират од 18,19 и 20 век.

– Постојат повеќе претпоставки како ова оружје завршило во езерските води. Првата е заради промената на системот на вооружувањето на отоманската империја, можеби тоа е запленето или предадено оружје после Илинднското востание, а  трета причина можеби е ослободување од оружјето од страна на локалното население, објаснува Целакоски.

Организаторите очекуваат да бидат пронајдени вредни примероци старо оружје кое ќе биде конзервирано и изложено во Заводот и Музеј Охрид.  Проектот е финансиран од Министерството за култура во износ од 100 илјади денари, а во десетневните истражувања ќе бидат вклучени четворица нуркачи.


– Се работи за нуркачи кои имаат поминато курс за подводна археологија, односно знаат како да се третирааат пронајдените артефакти. Ги имаме одредено локациите каде ќе се спроведе акцијата и очекуваме таа да биде успешна, истакна Милутин Секулоски-меѓународен инструктор по нуркање.


Од подводното депо кај плажата Сараиште  досега се изваддени околу 60-тина парчиња оружје.

Г. Момироски