Пушка долга 2,4 метри е само еден од стотината вредни воени експонати од турско време што ќе го збогатат депото на охридскиот Завод и Музеј. Ова воено орудие што го користел турскиот аскер пред два века на овие простори, е пронајдено при неодамнешните подводни истражувања во Охридското Езеро кај Сараиште во центарот на Охрид.
турска пушка од 2,4 метри
За време на повеќемесечните истражувања што Заводот и Музеј ги реализираше во соработка со клубот за подводни активности од Охрид, пронајдени се големи количества пушки и кубури.
пронајдени се и голем број кубури
„Не се знае на кој начин и како дошло на едно место на мала површина да имаме толкава количина на оружје. Дали се работело за илегален транспорт, или се работело за ослободување на турците од старото оружје бидејќи во тоа време дошло до модернизирање на таа турска армија не е познато“, изјави за ohridnews, директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, Јордан Трца.
Тој објасни дека пронајдените орудија сега се конзервираат во лабораторијата на охридскиот Музеј, и дека дел од нив се одлично сочувани. Од Заводот и Музеј се изненадени од количеството оружје што било пронајдено кај Сараиште кое сега ќе траба соодветно да се згрижи. Дел од оружјето ќе ја надополни постојаната изложба од илинденскиот период, а дел најверојатно ќе биде подарено на други институции. „Може некогаш да направиме и некоја тематска изложба со претставување на ова оружје која верувам ќе биде интересна за јавноста, а веројатно дел од експонатите ќе отстапиме на воениот музеј“, вели Трца.
пронајденото оружје се конзервира
Трца појасни дека истражувањата кај Сариште се речиси завршени, и дека најголемиот дел од најденото оружје соодветно е згрижено. Охридското Езеро според Трца и натаму ќе се истражува бидејќи се верува дека крие уште доста тајни интересни за науката.
Покрај подводните активности во наредниот период ќе отпочнат и заштитно конзерваторски работи на повеќе археолошки локалитети и културно историски споменици. Ќе биде изработен заштитен кров на еден од мозаиците на Плаошник, ќе се конзервира кровот на црквата Свети Архангел Михаил во Свети Наум, во црквата Света Богородица Каменско ќе се заштитува фрескоживописот, а ќе се интервенира и на црквите мал Свети Климент во Охрид и Свети Никола во Косел. Ќе биде извршена замена на столаријата во музејската куќа Робевци, помали интервенции ќе има и во зградата на дирекцијата, а паралелно ќе продолжи и изработката на заштитно конзерваторските основи за Охрид, Струга и Преспа.
За реализација на овие проекти склучен е договор со Министерството за култура кое за таа намена одобри околу 5 милиони денари. Тендерите за споменатите проекти веќе се распишани, а сите активности треба да бидат завршени до крајот на тековната година.
Г. Момироски