Струшката полиција денеска го привела Д.Б. сопственик на кафе бар на кејот од Црн Дрим,поради нарушување на јавен ред и мир и пукање од огнено оружје.

Приведениот, како што соопшти полицијата, по претходна вербална расправија со две лица кои изведувале некакви градежни работи во близина на неговиот објект испукал еден куршум од пиштол во воздух. По инцидентот непознатите лица го напуштиле местото на кое работеле, а случајот бил пријавен во полицијата. Таа го привела Д.Б. кој бил задржан на информативен разговор.

На местото на настанот увид извршиле екипа на полицијата, истражен судија и заменик јавен обвинител. Пронајдена била чаурата од испуканиот куршум која е предадена на понатамошно вештачење. Се преземаат мерки за целосно расчиствување на инцидентот, соопшти полицијата.

Ohridnews