Прекрасен концерт приредија синоќа флејтистката Јонела Големи и пијанистката Мерита Реџа Тершана од Република Албанија на фестивалот „Охридско лето“.

Двете извонредни уметници во црквата „Света Софија“  настапија со програма за која, како што велат, ја подготвиле токму за фестивалската публиката. Музичкото доживување започна со сонатата за флејта и пијано од Франсис Пуланк.

  • Подготвивме специјална програма која е комбинација од класична музика и современи жанрови.  Започнавме со сонатата на Пуланк, а продолживме со композиција од Франц Доплер, потоа ја изведовме Сонатината за флејта и пијано од Жак Ибер. На репертоарот беше застапен и Оливие Месијан со композицијата „Црна птица“. Исто така го отсвиривме и делото „Цигански напеви“ од Пабло де Сарасате, изјави флејтистката Јонела Големи.

Албанските уметници покажаа совршена техника на музицирање,а  меѓу другите композиции од програмата изведоа и дело на македонски композитор,  композицијата „Елегија“ од Гоце Коларовски.

  • Со огромно задоволство ја изведуваме оваа композиција на Коларовски.Јас третпат настапувам на фетсивалот „Охридско лето“, но мојата колешка Јонела Големи е првпат на фестивалот „Охридско лето“.  За нас е огромно задоволството што настапуваме на овој реномиран фестивал во светски рамки и сме благодарни на поканата за нашиот настап, вели пијанистката Мерита Реџа Тершана.

Освен како дуо,Големи и Тершана, настапуваат и во трио со други уметници. Велат дека нивната соработка трае од поддамна и ќе продолжи во иднина.

Јонела Големи дипломирала на отсекот за флејта на Универзитетот во Тирана, по што во 1997 година заминува на студии во Париз каде на Конзерваториумот работи под менторство на П.И. Арто, по што следеле судии на Екол Нормал „А. Корто“ и четиригодишни студии на регионалниот национален конзерваториум „Сен Мор де Фосе“кај проф. П. Легор  каде се здобива со златен медал и дипломи на студиите по флејта, камерна музика и педагогија. Добитничка е на бројни награди и признанија, прв победник е на натпреварот „Н. Зораки“ и прогласена е за музички уметник на годината во 2018 година на доделувањето на наградите „Култ“ откако три последователни години била номинирана за оваа награда.

Член е на оркестарот „Француски флејти“ каде ги свири сите инструменти од семејството флејти, пиколо, алт, бас, октобас, а е прва флејта  на оркестарот на Албанската радио-телевизија.

Критиката, публиката и медиумите ја сметаат пијанистката Мерита Реџа Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија,  и таа  продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања.

Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како – Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добиник на Култ наградата во 2010 и 2016. Како солист настапува со повеќе оркестри вклучително со оркестарот на Албанското радио и ТВ, оркестарот на Универзитетот во Тирана и  оркестарот на Операта.Како солист е често настапува на познати фестивали во Албанија и Европа. Предава пијано како вонреден професор на Универзитетот за уметности во Тирана.

OhridNews