Вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид продолжува прикажувањето на филмовите од Главната програма на првото издание на „Охрид Филм Фест“. Публиката најпрвин ќе може да го види 10-минутниот анимиран филм „Кружното патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов, а потоа следува полско-германскиот филм „Зуд“ на Марта Минорович. Приказната во филмот е посветена на тешкиот номадски живот во монголските степи, кој најчесто зависи од непредвидливите случувања на природата.

Филмот „Како што сонувавме“ е последен на четвртата фестивалска вечер на „Охрид Филм Фест“. Филмот на еден од најактуелните германски режисери, Андреас Дрезен, зборува за Источна Германија во 1990-те за три момчиња кои се фанови на техно-музика и решаваат да отворат свој клуб.

Покрај редовната програма ќе продолжи со прикажување на кратката програма чиј избор го направи филмскиот критичар Влатко Галевски. Кратките филмови ќе се прикажуваат на Охридската филмска школа – ФИОФА денеска, во вторник и во среда, во три блока што ќе траат по два часа.

Според најавите на организаторите, утре во Охрид од Белгија пристигнува француската актерка Астрид Ветнал, која ја игра главната улога во филмот на Рашид Бушареб „Пат за Истанбул“, кој ќе ја затвори овогодинешната фестивалска програма на 15-ти јуни.

OhridNews