Поради беспарицата,  најголем дел од граѓаните на Охрид, претстојните првомајските празници ќе ги поминат дома, во некое од околните излетнички места или на село. Од охридските туристички агенции велат дека мал е бројот на охриѓани кои за први и втори мај ќе одат на организирана екскурзија, надвор од Македонија.

-Во споредба со изминатите неколку години, интересот за групните патувања за првомајските празници, годинава е значително намален. Според нас, покрај економската криза, една од основните причини поради која граѓаните нема да одат на патување, е тоа што празникот во суштина е обичен викенд, односно без споени (не)работни денови.-вели Јаким Маленко од туристичката агенција Вис Пој.


Тој објаснува дека поголем интерес за групни патувања, очекуваат за празникот Св. Кирил и Методиј, кога се надеваат дека ќе ја покријат помалата реализација за првомајските празници.

-Овој празник ќе се спои со викедот и православниот празник Духовден, кој исто така е неработен ден. Значи тука ќе има четири неработни денови и има простор за полесна реализација на ваквите патувања во странство.-вели Маленко.

Според него, аранжманите кои се нудат за екскурзиите се движат од 120-200 евра и сите вклучуваат 4-дневно патување. Годинава најинтересни и најбарани меѓу нив се Венеција, Верона, Фиренца, Будимпешта и Виена.


Граѓаните на Охрид, со кои успеавме да поразговараме се истомисленици дека не постои некој кој не сака да оди на викенд или да празнува надвор од Македонија, но според можностите и животниот стандард,  патувањата според нив  се сеуште луксуз.

-Како и секоја година, празникот на трудот, ќе си го прославиме со семејството на пикиник или дома, но ќе се потрудиме да има скара, зато што без скара и пиво, не е први мај.-вели еден наш сограѓанин.

Е.Е.