Работници, граѓани и потписници на Повелбата за солидарност со парола „Не бидете опуштени, да не бидете отпуштени“ во петок на пладне излегоа на протест којшто го започнаа од пред споменикот на Синдикатите меѓу двете светски војни, кај „Југодрво“, во центарот на Скопје.
Овој протест е во организација на левичарските движења „Солидарност“ и „Ленка“, Синдикатот на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на дипломатската служба, на вработените во културата, а ќе им се придружат и Синдикатот на УПОЗ и МЕССО, кои се гранкови синдикати на ССМ, како и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.
Според организаторите и во минатото и денес има два вида на синдикати, едните што биле на страната на работниците, а другите, како што рекоа, ја штителе власта од работниците.
„Нема да дозволиме да ни ги укинуваат работничките права. Мора да кренеме глас, доста беше молчење! Доста ни го газеа достоинството. Да го кренеме гласот. Ако ги спуштиме и држиме главите доле, никогаш нема да го видиме сонцето“, рече на почетокот на протестот Златко Савески од левичарското движење „Солидарност“.
Пред Законодавниот дом, работниците побараа да биде разрешен претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, како и ставање во мирување на неколку според нив, спорни Закони.
„Веднаш да се разреши претседателот на Собранието Трајко Вељановски со цел да можат да се отворат внатрешни и надворешни истраги за узурпација на власта. Второ барање, веднаш да изгласаат недоверба на актуелната Влада. Овие барања се предуслов за каква и да е истрага и поправка на актуелната состојба, тоа и амбасадори на некои држави ни го кажаа јавно. Бараме и најитно ставање во мирување на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, како и сите измени на законите за државните службеници, за културата, образование и енергетика. Но, и најновите правни ’бисери’ – Законот за хонорарните давачки“, рече Сашко Тодоровски од Синдикатот на македонската дипломатска служба.
Истовремено Сојузот на синдикатите на Македонија одржа марш на солидарноста по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. Маршот почна пред платото на ССМ, а заврши на плоштадот Македонија. Синдикалниот лидер Живко Митревски побара потпишување колективни договори, обезбедување сигурни работни места, како и траен работен однос и работен однос на неопределено време и сигурни плати за сите работници со кои ќе им обезбедат пристоен живот.
OhridNews
Извор:„Макфакс“