Македонската фудбалска репрезентација го освои првото место во четвртата група во Д лигата и обезбеди бараж мечеви за пласман на Европското првенство 2020 година. „Црвено жолтите“ првата позиција ја осигураа со победата (4-0) на домашен терен над Гибралтар во последната рунда од групната фаза.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски отпорот на гостите на Националната арена „Филип Втори“ го „скршија“ во 27-та минута преку Енис Барди. Фудбалерот на Леванте со маестрален погодок ја круниса иницијативата и офанзивната игра на нашата селекција.

Во второто полувреме Македонија не остапи од напаѓачката игра. Шансите пред голот на гостите се редеа. После неколку нереализирани прилики, Илија Несторовски постигна погодок за дуплирање на водството во 67-та минута. Истиот фудбалер погоди и во 80-та минута за зголемување на 3-0. Печат на победата стави Александар Трајковски со гол во судиското продолжение.

Македонија во лигата Д од Лигата на нации заврши со втор скор, прва е селекцијата на Грузија и обезбеди меч на домашен терен во 1/2 финалето. Во баражот се игра еден натпревар, а предност има селекцијата која има подобар бодовен или голгетерски скор во фазата по групи. Потенцијални противници на Македонија се репрезентациите на Белорусија односноКосово. Најдобрата селекција од Ф4 турнирот обезбедува пласман на ЕП.

OhridNews
Фото: Гол.мк