Прво издание на Акватлон утре ќе се одржи во Охрид. Станува збор за спортска дисциплина која се состои од континуирани трчање и пливање. Иван Цветкоски од АК „Охрид трчаТ“, во чија организација е настанот, вели дека не станува збор само за прво издание во Охрид, туку воопшто и во државава.
Во соработка сме со Триатлон Федерацијата на Македонија и ова ќе биде Државно првенство кое за првпат се одржува во Македонија. И од оваа гледа точка чест и задоволство ми е што правиме нешто ново. Со трчањето преку манифестацијата „Охрид трачаТ“ ги размрдавме охриѓани, а ова е одличен момент за дополнителен спортски производ којшто убеден сум дека ќе има голем бенефит за цела охридска заедница. Акватлонот е под капата на Триатлон Асоцијацијата во светот и е дисциплина која е страшно брзорастечка и која ние мислиме дека е иднината за Охрид, вели Цветкоски.
Појаснува дека натпреварот започнува со пливање, потоа се трча, а има еден дел и на транзиција помеѓу двете дисциплини. Победник е, вели, тој кој ќе има најбрзо време на завршување.
Првата трка стартува во 8.30 часот, додека последната во 11.30 часот. Ќе има четири старта во повеќе категории. Ќе учествуваат 130 натпреварувачи и со големо задоволство можам да констатирам дека рекреативците сочинуваат околу 50% од вкупниот број на учесници, а исто така, 50% од учениците се и охриѓани, додава Цветкоски.
Натпреварувачите се поделени во шест категории мастерс, сениори, јуниори, кадети, деца1 и деца2. Во категоријата деца1 влегуваат деца кои ќе пливаат 75 метри, а ќе трчаат 750 метри, додека во втората категорија децата ќе пливаат 150 метри и ќе трчаат 1500 метри. Натпреварувачите од останатите категории ќе пливаат 300 метри, а ќе трчаат 3 километри.
Целта за првото издание беше да се вклучи малку повеќе и локалното население. Учесниците се сите од Македонија, а веќе од следната година настанот планираме да биде афирмиран и надвор од државата. Акватлонот ќе биде концепт приближно сличен на „Охрид Трчат“, во насока да се продолжи сезоната, да се понуди туристичко-рекреативен призвод кој што е прифатлив за пошироката популација и да се издигне Охрид уште повисоко во однос на тој професионален дел каде Акватлонот би бил дел од Европски и Светски куп, потенцира Цветкоски.
Н.С.Ј.