Откако Вест Хем обезбеди вчера полуфинале во европските купови за прв пат од 1976 година, тренерот на лондонскиот премиерлигаш Дејвид Мојс рече дека негова главна задача сега е да ги убеди своите играчи дека се главни фаворити за трофејот во Лига Европа.
Вест Хем се пласираше во полуфиналето со гостински триумф над Лион од 3-0, откако на првиот натпревар во Лондон беше нерешено 1-1, и за пласман во финалето ќе треба да го елиминира германски Ајнтрахт Франкфурт. Во второто полуфинале ќе играат Лајпциг и Глазгов Ренџерс.
Секако дека не сме фаворити во овој круг од четири екипи. Но, тоа нема врска. Сакам своите играчи да ги уверам токму во спротивното. Барам од играчите така да се однесуваат на теренот и на тој начин да ги одиграат овие два натпревари против Ајнтрахт. Таа верба е клучна на патот до успехот, а искрено се надевам дека многу скоро ќе зборуваме за финалето, изјави Мојс.
OhridNews