Деновиве се очекува да започне увидот и евиденцијата на сите вредни икони кои се наоѓаат во црквите во општините Охрид и Струга.

Ова е дел од мерките кои Заводот и музеј и Дебарско- кичевската епархија ги превземаат за заштита на иконите од кражби.

При тоа ќе се изработуваат и елаборати за валоризација на иконите, по што најголем дел од иконите ќе бидат дислоцирани од црквите и складирани на соодветни места. Тие во црквите ќе бидат заменети со нивни копии.



Заради поголема заштита, утврдено е и црковните одбори во што пократок рок механички да ги обезбедат објектите и постават метални врати на црквите за да се спречи нивното обивање од страна на крадците.
 
Иконите кои ќе бидат повлечени од црквите подоцна се планира да бидат изложени во музејскиот комплекс на Плаошник, поточно во Галеријата на икони. Според проектот за изградба на овој комплекс за оваа намена предвидени се 500 метри квадратни површина, простории кои ќе располагаат со сите потребни услови за чување на вредни примероци од културното налседство, како што се определена температура и влажност.

Инаку, во текот на минатата година, во струшкиот регион беа извршени 17 кражби на икони од цркви претежно во руралните средини.

Т. К.