Една од приоритетните задачи на локалната самоуправа, по враќањето на градоначалникот од Баку, ќе биде евалуација на повеќето од 400 дивоградби во заштитеното подрачје со цел да се утврди нивното влијание врз животната средина. Дури потоа, ќе следи отстранување на дел од нив, за кои градоначалникот верува дека се само десеттина.

  • Од сите 409 предмети во заштитено подрачје, голем број се предмет нелегално изградени скали, натрешница, ограда, не се сите куќи. УНЕСКО од нас не бара да рушиме 409 дивоградби, затоа што тоа е невозможно, УНЕСКО бара да извршиме еваулација на влијанието врз животанта средина и тие објекти во заштитениот појас, за кои ќе се утврди дека имаат негативно влијание, ќе ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце, изјави градоначалникот Константин Георгиески на денешната прес конференција на која изнесе детали од  учеството на 43-та сесија на УНЕСКО во Баку.

Поголем предизвик за владата и општината ќе биде и изготвувањето на план за управување со културното наследство во охридско струшкиот регион, но и реализацијата на останатите забелешки од комисијата на УНЕСКО, за чија реализација во февруари треба да биде поднесен извештај. Но, како што потенцира градоначалникот, тоа не значи дека сите барања до тогаш треба да бидат исполнети во целост.

  • Да се напомене дека првата реактивна комисија во посета на регионот била во 1998 година, па во 2013 и 2017, во сите мисии се нотирани забелешки и препораки по кои од сите влади, без исклучок, не е соодветно постапувано, што резултираше со предлогот од комитетот да охридско струшкиот регион се стави на листата на сведско наследство во опасност, вели градоначалникот.

Останува локалната самоуправа во соработка со владата, чекор по чекор да ги решаваат забелешките од УНЕСКО и поправаат грешките од минатото направени од претходните власти, со цел на наредната сесија конечно да биде отстранета опасноста за ставање на охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност.

  • Ништо нема да се случи преку ноќ, ниту ова ќе биде едноставен процес. Битката за Охрид допрва ќе се интензивира на сите полиња. Посветеноста моја како градоначалник и на владата е целосна и недвосмислена, сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид, туку и функционирањето на политичкиот систем на државата. Одговорност за сите, отстапки за никого, вели охридскиот градоначалник.

OhridNews