Првите работници од Охрид кои ќе работат во германската компанија „ODW ELEKTRIK“ која според најавите наскоро ќе отвори фабрика во Охрид, пред два дена заминале на обука во Источна и Западна Европа.

Според неофицијални информации се работи за десетина лица, кои биле избрани по интервјуто за вработување, кое беше спроведено на крајот на месец мај во Охрид. Обуката најверојатно ќе трае околу 3 недели и истата ќе се одвива во фабриките на „ODW ELEKTRIK“во Штајнау ан дер Штрасе во близина на германскиот град Франкфурт и во Нови Роздил во близина на западно-украинскиот град Лавов.

Од нашиот неофицијален извор дознаваме дека ова нема ќе биде прва обука на овие вработени и во наредниот период за истите лица ќе биде спроведена уште една ваква обука. Откако ќе бидат обучени, овие работници ќе спроведат обуки на останатите вработени во Охрид, кои беа избрани на интервјуто за вработување.

Како што неодамна објави OhridNews на интервјуто за вработување кое го спроведе менаџерскиот тим на оваа компанија, бea повикани 60 кандидати од Охрид, од кои 30 се од женски и 30 лица се од машки пол. Овие лица претходно биле регистрирани како невработени во евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Според најавите од македонските владини преставници „ODW ELEKTRIK“ најпрвин ќе работи во постоечкиот објект во Охрид, а потоа ќе започне со градба на нов објект во слободната економска зона, лоцирана во близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“ и планира да вработи околу 1.000 работници.

Лудвиг Батон, директор на „ODW ELEKTRIK“ за македонските медиуми изјави дека причината зошто решиле да инвестираат во Македонија, се квалификуваната работна сила, добрата индустриска традиција, искуството во индустријата.

„ODW ELEKTRIK“ има над 2.000 вработени во своите капацитети во Германија, Унгарија и Украина. Оваа компанија произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови како Мерцедес, Порше, БМВ и Фолсваген.

Е.М