РС Македонија во февруари ги добива првите дози на вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“. Вчера е постигнат директен договор со компанијата, а количина ќе биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април, соопшти Министерството за здравство.
Министерството информира дека продолжува со разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ, како и преку Ковкакс механизмот од каде, како што се наведува, се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини.
Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата, се потенцира во соопштението.
Министерството информира дека во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини и со тоа, како што се наведува, македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата.
Од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче, на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања информира дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор во нашата земја Сергеј Баздникин за руската вакцина „Спутник 5“, но таа тогаш била во третата фаза од клиничките испитувања, а процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.
Последните месеци тој процес заврши и таа влегува во еден од деловите на КОВАКС механизмот. Не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку КОВАКС ќе стигне и руската „Спутник 5“. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на Гави алијансата, изјави Филипче.
Министерот потенцира дека не постоела ниту една можност да ја добиме руската вакцина во моментот кога првпат ни била понудена, оти не бил завршен процесот на клиничко испитување.