Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти, системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Договорот е во висина од околу 11 милиони евра. Првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври годинава во земјата треба да пристигнат на 25 август, истакна денеска во интервју за МИА претседателот на ДИК Александар Даштевски.
Договорот е склучен и покрај ова што го рековте вие софтверот и терминалите тука спаѓа и друга опрема што значи дополнителна опрема, резервни делови, тука спаѓа кутијата односно класичното куферче за чување на опремата кое исто е направено по одредени стандарди за да не може да подлежи на кршење, на прашина, вода, литиумски батерии, тука се каблите за поврзување и целокупната опрема. Со него е купен и мрза скенерот и термалниот принтер, изјави Даштевски.
Тој потенцира дека договорот ги опфаќа и услугите што компанијата треба да ги испорача кон Комисијата во наредните четири години.
Услугите како што е дефинирано вчера во договорот ќе траат не само за овој избирачки процес, туку ќе траат во наредните четири години, сервисирање на опремата и спроведување на целиот изборен процес во смисла на ставање на отпечатоци на прст. Она што беше дилема во јавноста дека зошто ваков договор и како ќе се направи тоа, значи е решено со ова, бидејќи сервисната поддршка ќе изнесува 60 месеци, сметано од потпишување на договорот и согласно со планот за поддршка и одржување наведена во техничкиот дел на понудата на носителот на набавката, а носителот на набавката е компанијата со која го склучивме, тоа ќе значи дека тие услуги што ќе ги дадат се да бидат присутни тука на теренот со 150 и повеќе инжинери ако проценат. По склучување на договорот тие ќе склучат договори со контрактори и супконтрактори што ќе им бидат тука за помош, за логистика, вели Даштевски за МИА.
Меѓу другото, објаснува дека вработени од компанијата „Дермалог“ ќе направат технички преглед на терминалите, ќе мора исто така да направат прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор се работи за некаде околу 7.000 луѓе кои исто така ќе бидат обучени. Вработени од „Дермалог“ исто така ќе го вршат полнењето и празнењето на терминалите со податоци од избирачкото место на кое ќе биде употребен соодветниот терминал.
Посочува дека како посигурна ја избрале варијантата терминалите да ги содржат само податоците за лицата кои ќе гласаат на избирачкото место.Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните бидејќи истите се криптирани и никој не може да ги отвори, а се внесени во серверот, податоците ќе се декриптираат кога ќе дојде денот на полнење во терминалите. Оние кои ќе управуваат со терминалите нема да може да ги отворат.
Вработени на „Дермалог“ ќе бидат мобилни и на денот на изборите и во секоја ОИК ќе има по еден или двајца инжинери кои ќе бидат постојано на услуга. На крајот од изборниот ден терминалите ќе бидат земени од избирачките одбори и податоците ќе бидат вратени во серверот, потоа повторно ќе бидат криптирани и ќе бидат вратени на МВР.
ОhridNews