На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, попладнево беше пречекан првиот авион од Виена на нискобуџетната компанија „Визер“, со што и официјално започна да функционира директната линија од престолнината на Австрија кон најголемиот туристички центар во земјава.

Со воздухопловот „Ербас А 320“ на „Визер“ во 17 часот на аеродромот во Охрид пристигнаа 157 патници од главниот град на Австрија, а половина час подоцна 150 патници полетаа за Виена.

На почеток „Визер“ на новата дестинација ќе лета два пати неделно во вторник и сабота, а од 4 декември ќе биде воспоставен и трет лет во четврток. Тогаш ќе се промени и времето на пристигнување на охридскиот аеродром во 12.30 часот и на заминување назад кон Виена во 13.30 часот.

Со додавањето на Виена како нова редовна авиолинија и како нова дестинација од охридскиот аеродром, „Тав Македонија“, не само што ја проширува новата мрежа на авиолинии, туку исто така и ја отвора Австрија како нов дојдовен пазар за патници и туристи на прекрасното Охридско Езеро. Во исто време сите граѓани кои живеат во овој регион ќе може да ја користат оваа линија за патување во Австрија. – истакна Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Во првите девет месеци од оваа година бројот на туристи од Австрија бележи пораст од 8%, а ноќевањата од 4%, истакна директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски.

Во 2019 година очекуваме двоцифрена бројка на австриски туристи, а со воведувањето на новата линија ќе имаме можност повеќе туроператори од Австрија да го посетат Охрид и да го воведат како нова дестинација во своите понуди. – рече Јаневски.

На свеченоста по повод воведувањето на новата авиолинија присуствуваше градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, кој истакна дека поврзувањето со Виена има двојно значење.

Тоа ќе влијае на развојот на туризмот во Охрид и Струга, и се надевам дека голем број гости ќе го посетат регионот. Второ и многу значајно е што оваа нова редовна авио линија ќе им овозможи на нашинците кои живеат во Австрија почесто да доаѓаат дома, а се разбира тоа ќе биде можност за сите граѓани од регионот да отпатуваат во Австрија. – потенцираше Стојаноски.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, исто така, го истакна значењето на новата авио линија за целиот регион, но и за околните населени места во соседна Албанија.

Се отвора голема можност за сите нас, оваа линија да биде доходовна, а ние како градови да бидеме поблиску до Европа. – рече Мерко.

Со додавањето на Виена како нова Дестинација, на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид сега има три директни редовни авио линии: Виена, Базел и Цирих, како и осум сезонски дестинации: Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин со 11 авиокомпании.

Г.М.